STURM

UND

DRANG

Драги учесници на Фестивалот “Театарски Европски Алтернативи” – STURM UND DRANG,

Со големо задоволство сакам да ви посакам Добредојде.

Ќе ви раскажам една измислена приказна. А можеби е и вистинска...

Си бил еден човек. Тој човек ја барал суштината на човечкото постоење. Барајќи наишол на луѓе/нелуѓе, чувствителни/бесчувствителни, свои и никои, со став/без став, со лице/ без лице, со перде/ без перде, со маска/без маска, со мене/ без мене, со вас/ без вас...барал, барал и упорно барал...и секогаш кога ќе се уморел почнувал повторно од почеток, од нула. Човек/не човек, мое и твое, што е мое? Што е твое? Што е наше? Кој сум јас, кој си ти? Вистина/ невистина, лага и тага, не можам рекол, не можам да сфатам...Пак од нула, пак од почеток. Јас сум – ЈАС сум – Јас СУМ,ќе спијам...не, ќе станам, ќе барам, не...ќе плачам, не, не, не, ќе се смеам. Сега ќе одам да се погледнам во огледалото – Што сум јас? Кој сум јас? Ќе седнам, и така само ќе седам и ќе мислам. Мисли! Мисли, мисли, мисли! Не ми доаѓа. Не ми доаѓа мисла! Ќе си влепам шлаканица! Се уморив – рекол. Добро. Од почеток, од нула, од самиот почеток ќе почнам. Се заљубил/се одљубил, се уморил/се кренал, паднал/се исправил, гледал во една точка/не гледал во никаква точка, сакал/не сакал, спиел/не спиел, јадел/не јадел.... и така секогаш и повторно и повторно и се’ и се’ од почеток и почеток.

Така ние создавајќи ја секоја наша креација почнуваме од нула. Се чувствуваме недоискажани, недокажани. Театарот секогаш одново го кажува она што веќе е кажано. Се’ е кажано, но и се’ треба повторно да се повтори. Каква суштина бараме? Ја нема. И ако ја има не е една, секогаш е своја, секогаш различна, посебна и важна за себе, постои и ќе постои само за себе. Во тоа е убавината. Убавината да почнеш од нула во создавањето на секој еден актерски МИГ, на секој еден МИГ од креацијата на режисерот. Мојот МИГ, твојот МИГ треба секогаш одново и од почеток да биде создаден, да му се вдахне душа која само што не почнала да живее. ОВДЕ и СЕГА да се сфати и прифати како постоење, а не како нешто must да се случи. Присутност со око и со душа, со тело и со срце. И не постои друг пат, тоа е едниствениот пат.

Со целото мое срце ви го најавувам нашиот заеднички ПОЧЕТОК. Нека со секое свое ново отпочнување ни донесе УШТЕ СВЕТЛИНА. Нека ПРОДРЕ низ секоја наша креација.

Ви се поклонувам!

Со почит
Теа Беговска